ДОБИТНИКОТ НА ГОДИНАШНАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО
„ЗЛАТНА КАМЕРА 300“
НА 27-ОТ ИФФК “БРАЌА МАНАКИ”

МИХАЕЛ БАЛХАУС / MICHAEL BALLHAUS

 

„Со задоволство ја движам камерата и на тој начин раскажувам за емоциите на актерите или за она со што тие ја исполнуваат приказната. Од друга страна, многу се ангажирам околу тоа целосно да ја оформам композицијата на кадарот. На тој начин пред моите очи комплетно се разигрува сликата, не само централниот дел, оставајќи можност и окото на гледачот да бара и нешто дополнително да најде“

- Михаел Балхаус –

 

Михаел Балхаус живее и работи на релација: Берлин, Њујорк, Холивуд со својата сопруга Хелга/Helga. Со неа се запознава уште од времето на нејзиното актерско ангажирање во Театарот во Карлсруе/Karlsruhe, и таа има значајна улога во градењето на неговата кариера, заедно со нивните два сина, постариот Себастијан/Sebastian (роден 1962 година), и особено Флоријан/Florian (роден 1965, кој својата снимателска кариера ја градеше асистирајќи му на својот славен татко во сите филмови на Мартин Скорсезе/Martin Scorsese и другите режисери во американската етапа на Михаел Балхаус. Флоријан од 1983 до 1995 работеше со својот татко како негов асистент, прв или втор асистент на камера, а од 1995 до денес има снимено 20 филмови, самостојно како ДнФ/кинематографер). Нивната семејна база е куќата во Ајхелсдорф, Долна Франконија, во Баварија, Германија/Eichelsdorf, Lower Franconia, Bavaria, Germany.

Михаел Балхаус е роден во Берлин на 5 август 1935 година. Потекнува од родители по професија актери, кои во времето на неговата рана младост имале и сопствен театар. Неговата љубов за филмот почнува на 20- годишна возраст, во 1955, кога добил можност од режисерот Макс Офулс/Max Ophuls да присуствува на снимањето на филмот ЛОЛА МОНТЕЗ/LOLA MONTEZ. Филмската кариера ја започнува како асистент на камера и режија за телевизијата во Баден - Баден, стекнувајќи ги првите искуства во телевизискиот медиум. Својот прв 35 мм филм како ДнФ/кинематографер го снимил во 1958 година. Тоа е целовечерниот документарен филм ЖЕЛБИ ОД ЗЕМЈАТА НА СНИШТАТА/DREAMLAND OF DESIRE на режисерот Волфганг Милер Сен/Wolfgang Muller Sehn, што се снимал во Грција. Пред да ја започне својата соработка со Рајнер Вернер Фасбиндер/Rainer Werner Fassbinder, Балхаус ги снима и филмовите на браќата Шамони, Петер и Улрих/Peter and Ulrich Schamoni. Меѓу 1964 и 1970 тој снима разновидни телевизиски остварувања, па неговата кариера наизменично е исполнета со работа како на телевизија, така и на филмски дела снимани на 35 мм лента.

Кон крајот на 60-те, поточно во 1968 година, на само 33 годиншна возраст, по иницијатива на режисерот Петер Лилиентал/Peter Lilienthal, Балхаус започнува да работи и на Берлинската академија за филм и ТВ/DFFB-Deutsche Film-und Fernsehakademie, најнапред како доцент на техника на снимање, за после стекнатото искуство, да стане еден од водечките германски и светски кинематографери ангажиран како професор на полето на камерата и снимањето. Во истата 1968 година, Балхаус го снима како кинематографер својот прв целовечерен игран филм на 35 мм, НЕКОЛКУ ПАТИ ДНЕВНО/DARF ICH SIE ZUR MUTTER MACHEN/SEVERAL TIMES DAILY на режисерот Ралф Греген/Ralf Gregan. Со наизменични ангажмани, првично како доцент, потоа како професор, паралелно интензивно снимајќи филмови, започнувајќи од 1993 година па до денес, најнапред на Универзитетот во Хамбург, негова постојана база останува Берлинската академија за филм и ТВ на која постои Фондацијата на Михаел Балхаус, што говори за огромниот углед и респект што ги ужива во Германија.

Богатиот опус на Балхаус е исполнет со над 100 целовечерни играни филмови, снимени во периодот од 1960 до денес, за ТВ и за кинематографско прикажување на 35 мм лента. Во неговата кариера постојат две клучни етапи, првата-германската, во најплодниот период од 1970 до 1980, поврзана со соработката со родоначалникот на повоениот германски филм, режисерот Фасбиндер и втората-американската, по 1982 година, кога се преселува во САД, каде што најголемите резултати ги има остварено во тандемска соработка со Мартин Скорсезе. Тој, исто така, соработувал и со режисерите: Џон Сејлис (ДЕВОЈКО, ТОА СИ ТИ/BABY, IT’S YOU, 1982),Френсис Форд Копола/Francis Ford Coppola (ДРАКУЛА/DRACULA, 1992), Пол Њумен/Paul Newman (СТАКЛЕНА МЕНАЖЕРИЈА/THE GLASS MENAGERIE, 1987), Џејмс Л.Брукс/James L.Brooks (ТВ ВЕСТИ/BROADCAST NEWS, 1988-неговата прва Номинација за Оскар), Стив Кловис/Steve Kloves (ПРЕКРАСНИТЕ БЕЈКЕР МОМЧИЊА/THE FABULOUS BAKER BOYS, 1990-неговата втора Номинација за Оскар), Мајк Николс/Mike Nichols (РАБОТНИЧКА/WORKING GIRL, 1988 и ПРИМАРНИ БОИ/PRIMARY COLORS, 1997), Роберт Редфорд/Robert Redfort (КВИЗ ШОУ/QUIZ SHOW, 1993), Бери Левинсон/Barry Levinson (СОНУВАЧИ/SLEEPERS, 1995), Волфганг Петерсон/Wolfgang Petersen (ЕПИДЕМИЈА/OUTBREAK, 1995 и АВИЈАЦИЈА ЕДЕН/AIR FORCE ONE, 1997) и други.

Уште во првата германска фаза Балхаус важел за мајстор на технички пронајдоци во снимањето со разни сложени мизансценски решенија, особено во движењето на камерата. Таков карактеристичен егземплар е филмот КИНЕСКИ РУЛЕТ/CHINESISHES ROULETTE, снимен 1976 година, во режија на Фасбиндер. Инаку, Балхаус ја менувал атмосферата на фотографијата од филм во филм, приспособувајќи ја на самата тема. Во филмот на Фасбиндер ПРАВО НА ПОСИЛНИОТ НА СЛОБОДА/FAUSTRECHT DER FREIHEIT, снимен 1975 година, Балхаус користи контрастна светлина, додека во филмот МАЈКА КУСТЕРС ПАТУВА НА НЕБО/MUTTER KUSSTERS FAHRT ZUM HIMMEL од истата 1975 година, исто така, во режија на Фасбиндер, Балхаус и дава предност на меката, дифузна светлина. Тој боите, главно, ги оформува преку изворите на светлина, костимите и сценографијата. Така, врв во постапката со боите, од нивниот избор до лабораториската обработка, Балхаус остварува во еден од најдобрите филмови на Фасбиндер БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН/DIE EHE DER MARIA BRAUN (1978), снимен со нивната омилена актерка во насловната улога Хана Шигула/Hanna Schygulla. Својата успешна креативна тандемска соработка со Фасбиндер, Балхаус ја потврдува и во другите три антологиски дела: ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ/DIE BITTEREN TRANEN DER PETRA VON KANT (1972), OЧAЈ/DESPAIR (1977) и ЛИЛИ МАРЛЕН/LILI MARLEEN (1980). Според овие карактеристики, како во првата фаза од соработката со Фасбиндер, така и во втората со Скорсезе, Балхаус се карактеризира како ДнФ/кинематографер со различни изразни стилови, кој во секој нов филм настојува да ја приспособи фотографијата на темата и дејството, истражувајќи ја секогаш современата филмска техника како негов фах (особено камерите и филмската лента, а познатата светска компанија за филмска техника Panter често го користи за авторитетен промотер на некој нивни пронајдок). Балхаус, инаку, го сметаат и за ДнФ/кинематографер без конкретен и препознатлив стил, но кој, преку моќта да се адаптира на секое сценарио и особено на стилот на режисерот, изградил широк дијапазон на креативност.

За таквите потенцијали сведочат филмовите што тој ги креираше и во тандемската соработка со водечкиот американски режисер Мартин Скорсезе. Таа нивна плодна етапа започна во 1985 година (со филмот НОЌНИ ЧАСОВИ/AFTER HOURS) и трае до денес. Сите нивни филмови важат за големи дела во нивните опуси, а тоа го потврдуваат самите наслови на филмовите:
НОЌНИ ЧАСОВИ/AFTER HOURS (1985), БОЈАТА НА ПАРИТЕ/THE COLOUR OF MONEY (1986), ПОСЛЕДНОТО ИСКУШЕНИЕ НА ХРИСТОС/THE LAST TEMPTATION OF CHRIST (1987), ДОБРИ МОМЧИЊА/GOODFELLAS (1989), ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ/THE AGE OF INNOCENCE (1992), БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК/THE GANGS OF NEW YORK (2002, за кој Балхаус ја освои третата Номинација за Оскар во 2003) сè до најновиот филм снимен годинава ЗАМИНАТИОТ/THE DEPARTED (2006), на чија завршна постпродукција работи токму во времето на одржувањето на нашиот 27- ми фестивал, што објективно, како vis-major, го спречи да присуствува во Битола и лично да ја прими Наградата за животно дело „Златна камера 300”.

Да потсетиме, господин Балхаус ни ја даде својата согласност да биде наш лауреат на годинашниов Берлински фестивал, во февруари, кога со огромно задоволство изрази подготвеност дури и да претседава со нашето интернационално жири, односно, сакаше да остане во Битола во текот на целото фестивалско траење. Во меѓувреме, откако беше повикан во Америка за да ги контролира завршните постпродукциски работи, господин Балхаус направи напор да најде слободни денови од 25-28 септември да долета од САД во Македонија за да ја прими лично Наградата за животно дело „Златна камера 300” (повратниот билет на релација САД-Македонија-САД веќе му беше резервиран). Но, за жал, се покажа дека неговото доаѓање во Битола е невозможно.

На годинашниов Берлински фестивал за долгогодишната плодна работа како водечки германски и светски ДнФ/кинематографер на Михаел Балхаус му беше доделена специјалната награда БЕРЛИНАЛЕ КАМЕРА, како ново големо признание приклучено на претходните што тој ги доби по разни поводи, а како круна на неговата сврзаност со Берлиналето каде што во 1990 година беше и претседател на интернационалното жири, а во 1996 беше член и на Канското жири. Покрај трите Номинации за Оскар, Балхаус имаше и две Hоминации за филмот БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК во 2003 од БАФТА/BAFTA (Наградата на Британската академија за филм и телевизија) и од АСЦ/ASC (Наградата од Асоцијацијата на американските кинематографери). Балхаус претходно ги освои двете германски филмски награди како најдобар кинематографер, во 1973 година за филмот ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ/DIE BITTEREN TRANEN DER PETRA VON KANT, во режија на Фасбиндер и во 1978 година за филмот ОЧАЈ/DESPAIR, исто така, во режија на Фасбиндер, а добитник е и на други филмски награди.

Балхаус снимил и повеќе музички и рекламни спотови. Од музичките видеоспотови најзначајни му се: Glory Days (Bruce Springsteen), I’m On Fire (Bruce Springsteen), Born in the U.S.A. (Bruce Springsteen), Papa Don’t Preach (Madonna), True Blue (Madonna), Some Times u.a. (Prince). Балхаус е член на Aмериканската асоцијација на кинематографери (ASC/American Society of Cinematographers), Академијата за филмска уметност и науки (AMPAS/Academy of Motion Pictures Arts and Sciences), Берлинската академија на уметноста/Akademie der Kunste Berlin, Хамбуршката академија на уметноста/Akademie der Kunste Hamburg, ЕФА-Европската филмска академија/EFA-European Film Academy. Михаел Балхаус како угледен, водечки светски кинематографер и професор, предавал и предава, како што истакнав на почетокот, на матичната Берлинска академија за филм и телевизија/DFFB Berlin, исто така, професор е на Филмскиот институт во Хамбург/Professor am Filminstitut Hamburg, почесен професор на Академијата за филм и телевизија во Минхен/Honorarprofessor an der Film-Fernseh-Akademie Munchen, a предавал и предава на Универзитетот Колумбија во Њујорк/Columbia University NY, Њујоркшкиот универзитет/N.Y.U.-NY, на Филмската школа во Лудвигсбург/Filmschule Ludwigsburg, како и на Филмската и телевизиска школа во Потсдам-Бабелсберг/HFF Potsdam-Babelsberg.

Друг значаен момент од биографијата и творештвото на Михаел Балхаус е и портрет книгата со наслов ЛЕТАЧКОТО ОКО/DAS FLIEGENDE AUGE која, низ форма на разговори со него, авторски ја потпишува водечкиот режисер на новиот германски филм Том Тиквер/Tom Tykwer, издадена во 2002 година, која објективно е главниот биографски извор за пишување на овој каталошки портрет за Михаел Балхаус, при што неговите лични размислувања и сеќавања се најавтентични и најрелевантни.

xxxxx

За својата прва средба со филмот, што ќе се покаже како решавачка во младоста за неговата идна кариера потоа макотрпно, со голем труд и љубов градена полни четири и пол децении, Михаел Балхаус вели: „ЛОЛА МОНТЕЗ беше првиот филм на чиј сет сум бил за прв пат. Тогаш имав 18 години, моите родители го познаваа режисерот Макс Офулс, а тој пак беше другар на една роднина на мојата мајка. Дознавме дека тој го снима својот нов филм во Бамберг и во Баварија, па јас прашав дали можам да присуствувам на снимањето. Така за првпат бев во едно филмско студио”. A за тоа кога за првпат држел камера в раце и снимал, Балхаус си спомнува на малата 8 мм камера со која можел да снима само во екстериери, па така ги снимал другарите, животот околу него со љубопитство на млад ентузијаст киноаматер. Тоа, исто така, била решавачка средба по што Балхаус цврсто бил решен да стане камерман. Но во сето тоа, првично искуство и љубов му била фотографијата со веќе направени портрет-фотографии и други мотиви. Спомнатото снимателско искуство во Баден-Баден во студијата на Суд Вест Функ-Телевизиската компанија, во 1959 година е среќна околност за првото професионално ангажирање на Балхаус, кога започнал да снима со тогашните обемни, “дебели” TВ - камери, како што ги нарекува Балхаус, за тогаш, според него, заработувани 750 Марки, што како за млад човек исто така биле големи пари.

Сепак, меѓу најзначајните улоги во својата кариера Балхаус ја издвојува онаа на својата сакана и ценета сопруга Хелга за што истакнува: „Во брак сме 45 години и тоа за нас останува засекогаш извонредна врска. Без Хелга не би бил тоа што сум денес. Таа го има решавачкиот дел во мојот живот и во мојата кариера...“

Интересни се и почетоците на соработката меѓу Балхаус и Фасбиндер, кои потоа, во текот на интензивната еднодецениска соработка меѓу 1970 и 1980, ќе се сплотат во еден од најкреативните и најзначајните режисерско-кинематограферски тандеми на повоениот-нов германски филм. Пред да ја добие понудата да го снима првиот филм со Фасбиндер БЕЛЧО/WHITY, Балхаус во 1969 во текот на 4 дена ја снимал турнејата на Џими Хендрикс во Западна Германија. Според енергиите што ги зрачеле, преминот од Хендрикс на Фасбиндер бил како добро планирана, иако случајна увертира. Десет години постариот Балхаус требало да ја пробие првичната сомничавост на Рајнер спрема „натрапникот” во неговото дотогаш градено филмско семејство. БЕЛЧО е сниман во текот на 1971, главно, во Шпанија. Во тоа време, како што е познато, Балхаус се градел врз филмовите на Бергман/Ingmar Bergman и особено на родоначалниците на францускиот Нов филмски бран од 60-те: Годар/ Godard и Трифо/Truffhaut, што, преведено на планот на снимателството и кинематограферската креација, ги подразбирало Свен Никвист/Sven Nyckvist и Раул Кутар/Raoul Coutard, обата претходни лауреати на нашиот фестивал од Клубот на великаните-добитници на Наградата за животно дело. За тоа Балхаус истакнува: „Филмот ПРЕЗИР/LE MEPRIS на Жан Лик Годар сум го гледал сигурно над 20 пати и секогаш се обидував да дознаам како Раул Кутар ја движел камерата, како швенкувал, како осветлувал. Тоа беа моите лични часови за учење“.

Враќајќи се на почетоците со Фасбиндер, филмот БЕЛЧО е сниман под влијанието на итало-вестерните и така Балхаус ја приспособува целата визуелно-снимателска структура. Меѓутоа, клучниот филм од тандемската соработка меѓу Фасбиндер и Балхаус е вториот филм од истата 1971 година ВНИМАВАЈ НА СВЕТАТА КУРВА/WARNUNG VOR EINER HEILIGEN NUTTE/BEWARE OF A HOLY WHORE во кој играат Еди Константин/Eddie Constantine и тогаш откриената нова sвезда на германскиот филм Хана Шигула, која ќе стане бренд-актерка на Фасбиндеровиот опус. Карактеристичноста на овој филм е слободната камера со импровизации на Балхаус. Следниот филм во опусот на Фасбиндер е и една од најзначајната тандемска креација со Балхаус - тоа е ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ/DIE BITTEREN TRANEN DER PETRA VON KANT со силниот женски актерски тандем: Хана Шигула и Маргит Карстенсен/Margit Carstensen во главните улоги. Филмот е снимен за десетина дена со мал буџет и е произлезен од еден театарски текст на суперпродуктивниот Фасбиндер, кој во тие првични години за помалку од 2 години режирал 5 филма. Балхаус во овој филм од ентериерски-сценски карактер со драмска фокусираност на актерките така и ја гради својата кинематограферска концепција. Меѓу филмовите ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ и СВЕТОТ НА ЖИЦА/WELT AM DRAHT/WORLD ON WIRE, Балхаус „се одморал”, што се вели, од енергичниот Фасбиндер, кој во меѓувреме снимил три нови филма со други сниматели. Балхаус не сакал да ги прекине врските и соработките со другите, но сепак му недостигал стилот на работа на деликатниот Фасбиндер. СВЕТОТ НА ЖИЦА е нивно повторно спојување, при што непредвидливиот и посесивен Рајнер во текот на снимањето во Париз околу 6 недели, инсистирал потесната екипа, вклучувајќи го Михаел, да се дружат, поточно да живеат заедно, заедно да јадат, да одат во ноќните клубови, спиејќи само по 5 часа и така секој ден подготвени од утро до вечер за нова работа. Филмот МАРТА (1974) е уште еден типичен од ерата на Фасбиндер-Балхаус со доминацијата на женски драми и женски креации (Маргит Карстенсен во насловната улога). Во таквите силни актерски филмови Фасбиндер и Балхаус се стремеле кон нивно впечатливо импрегнирање во визуелната експресија. Филмот ПРАВО НА ПОСИЛНИОТ НА СЛОБОДА/FAUSTRECHT DER FREIHEIT/FIST-FIGHT OF FREEDOM (1975) е типичен авторски филм на Фасбиндер кој воедно ја толкува и главната улога, со директно интерполирање на хомосексуалниот феномен како припадност на самиот Фасбиндер. Во ЛЕТНИ ГОСТИ/SOMMERGASTE (1976), работен според Максим Горки, Балхаус се приспособува на екранизација на костимиран филм од епоха, доловувајќи филм-театар со актерската екипа во приоритет. Во КИНЕСКИ РУЛЕТ/CHINESISCHES ROULETTE (1976), Балхаус прави своевидна кореографија на движењето на актерите приспособувајќи го мизансценот на камерата и обратно. Во 1978 филмот ОЧАЈ/DESPAIR беше еден од најскапите проекти во кој работел тандемот Фасбиндер-Балхаус со, за тоа време, високиот европски буџет од 6 милиони Марки, со интернационална актерска екипа, на англиски јазик, предводена од Дирк Богарт/Dirk Bogarde, според сценариото на Том Стопард/Tom Stopard и со голема декорација за снимање во едно од најголемите студија, изградени по тој повод во Баварија. Карактеристично за овој филм е ламентирањето на Балхаус поради тоа што продуцентите побарале од Фасбиндер да го скрати од 2,5 часа на само 2 со што се изгубила душата на филмот.

Веќе ја спомнав посесивноста на Фасбиндер во однос на неговата филмска екипа со која постојано работел, што популарно го нарекувале “семејството на Фасбиндер”, врз кое тој имал контрола со нагласена љубомора. Така и работењето во филмот ОЧАЈ со ѕвезда од калибарот на Дирк Богарт било дискретно напнато, според Балхаус, Фасбиндер покажал респект кон Англичанецот, но му дал до знаење кој е главен во филмската екипа. Посебно интересно е амбивалентното однесување на Балхаус спрема егоцентричниот Фасбиндер. Имено, Балхаус го почувствувал и притисокот на Фасбиндер спрема неговото потесно семејство, Хелга и синовите, за кои Балхаус е култно поврзан, но таквата поврзаност Фасбиндер не можел да ја поднесе и правел сè да го отстрани неговото семејството од филмското семејство, односно, Балхаус да биде разделен од Хелга, дури и да ги скара, што кулминирало во текот на снимањето на еден од нивните заеднички најголеми филмови БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН/DIE EHE DER MARIA BRAUN/THE MARIAGE OF MARIA BRAUN, со извонредната Хана Шигула во насловната улога. Но, парадоксално или не, и покрај таквото однесување на Фасбиндер спрема неговото семејство, Балхаус признава дека БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН му е еден од најдрагите и поради фактот што филмот имаше голем успех кај публиката. За филмската лента и односот спрема Шигула, Балхаус, меѓу другото, истакнува: „…МАРИЈА БРАУН беше првиот филм што го снимав на Fuji-материјал, поинаков од оној на Agfa, со кој дотогаш работев, додека Kodak не доаѓаше предвид, меѓу другото, и поради тоа што беше прескап. На пример, во сцената со Шигула и Елизабет Трисенар/Elisabeth Trissenaar снимав скоро без артифициелна светлина, имаше притоа само висока индиректна светлина, што без таа нова пречувствителна филмска лента тоа немаше да функционира. Односот кон Шигула беше посебен, зашто таа му беше омилената актерка, ѕвездата на Фасбиндер и тој постојано ми велеше дека морам да и дадам душа. Така и направив за да постигнам да изгледа што е можно поубаво и тоа го правев на специфичен начин со моделирање на светлината. Посебно внимавав на нејзините очи, да ги снимам што повпечатливо, бидејќи за мене очите на секој актер се извонредно значајни, зашто ако не се гледаат добро како да не ја гледам душата на актерот. Затоа често користам т.н. low-bounce-light, значи од долу рефлектирачка светлина“.

Aмериканската етапа:

По прекинувањето на соработката со Фасбиндер (познато е дека поради преголема доза на дрога умре кога имаше само 37 години, на 10 јуни 1982 година), Балхаус во 1982 година, со германскиот режисер Петер Лилиентал, го сними својот прв американски филм МИЛ ПРЕКРАСЕН ГОСПОДИНЕ/DEAR Mr.WONDERFUL. Тоа беше, како што вели Тиквер, негово стапнување со едната, а со другата нога, значи целосно, започна да работи снимајќи го вториот филм ДЕВОЈКО, ТОА СИ ТИ/BABY IT’S YOU на независниот режисер Џон Сејлис/John Sayles.

Сепак, во втората американска етапа на Балхаус што трае до денес, најзначајна е неговата соработка со еден од водечките американски режисери Мартин Скорсезе. Балхаус претходно бил одушевен од неговите филмови: УЛИЦИ НА ЗЛОТО/MEAN STREETS, TAКСИСТ/TAXI DRIVER, РАЗБЕСНЕТИОТ БИК/RAGING BULL и во разговорите со Хелга мечтаел за соработка со Скорсезе.

По првичниот телефонски повик од Мартин дошла и средбата во Лос Анџелес. Идејата на Скорсезе била да го работи ПОСЛЕДНОТО ХРИСТОВО ИСКУШЕНИЕ со Германецот Балхаус. Меѓутоа, откако беше одложено снимањето на овој филм, првата соработка меѓу нив беше филмот НОЌНИ ЧАСОВИ/AFTER HOURS (1985) чија специфичност за Балхаус беше снимање 40 ноќи, што по РАЗБЕСНЕТИОТ БИК, за Скорсезе беше негов втор филм снимен за само 40 дена, а со таа ноќна атмосфера филмот доби посебна гама, оригиналност и визуелно-драмска моќ. Следниот нивни значаен филм беше БОЈАТА НА ПАРИТЕ/THE COLOR OF MONEY (1986) во кој посебно фасцинантен бил односот на Скорсезе спрема актерските ѕвезди Пол Њумен и Том Круз/Tom Cruise, начинот на кој заедно со Балхаус ги водат низ филмот, драмски втопени во експлозивноста на визуелната енергија.

Во меѓувреме, во 1985 година Балхаус го реализира во САД филмот СМРТТА НА ТРГОВСКИОТ ПАТНИК/DEATH OF A SALESMAN, што според истоименото драмско дело на Артур Милер/Arthur Miller го режираше германскиот режисер Фолкер Шлендорф/Volker Schlondorff, со Дастин Хофман/Dustin Hoffman во насловната улога. Во овој филм Балхаус ја истакнува експресивноста на светлината.

По соработката во филмот БОЈАТА НА ПАРИТЕ, Пол Њумен, овој пат во својство на режисер, го ангажира Балхаус во 1987 година за својот филм СТАКЛЕНА МЕНАЖЕРИЈА/THE GLASS MENAGERIE (со Џоан Вудворд/Joanne Woodward и Џон Малкович/John Malkovich во главните улоги). Во 1988 Балхаус ја добива првата Номинација за Оскар за филмот ТВ ВЕСТИ/BROADCAST NEWS на режисерот Џејмс Брукс (со Вилијам Харт/William Hurt и Холи Хантер/Holly Hunter).

Конечно, во 1988, по првата Номинација за Оскар, доаѓа и до снимањето на ПОСЛЕДНОТО ХРИСТОВО ИСКУШЕНИЕ/THE LAST TEMPTATION OF CHRIST (Вилјем Дефо/Willem Dafoe во насловната улога) на Скорсезе, со голем буџет и со сета историска димензија што предизвика контроверзни реакции особено од страна на Католичката црква. Во колоритното богатство, Балхаус во клучната секвенца на носењето на крстот и распнувањето на Христос ефектно ја доловува инспирацијата од иконографијата на Хијеронимус Бош/Hieronymus Bosch.

Куриозитетно, но факт што говори за големата енергија на Балхаус, е тоа дека во годината на првата Номинација, во 1988 тој работи на дури 5 филмови, меѓу кои е и РАБОТНИЧКA/WORKING GIRL во режија на Мајк Николс (Мелани Грифит/Melanie Griffith во насловната улога), кој за Балхаус, како соработник, рекол духовито: „Да се работи со Михаел е како да си на небеса, само што не мора да умреш за тоа”.

Во 1990 година Балхаус ја добива втората Номинација за Оскар за филмот ПРЕКРАСНИТЕ МОМЧИЊА БЕЈКЕР/THE FABULOUS BAKER BOYS на режисерот Стив Кловис. Во оваа психо-драма со дискретна напната атмосфера во еден помалку бизарен триаголник, со актерскиот братски тандем Бо и Џеф Бриџис/Beau and Jeff Bridges, посебно бисерна е секвенцата што Балхаус ја снимил со актерката Мишел Фајфер/Michelle Pfeiffer, која пее искачена на клавирот, како специфичен однос меѓу неа и камерата во елипсоидно движење.

Со следните два филма на Скорсезе: ДОБРИ МОМЧИЊА/GOODFELLAS (1990) и ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ/THE AGE OF INNOCENCE (1993), Балхаус се искитува и со двете Номинации за БАФТА/BAFTA наградата, за првиот во 1991 и за вториот во 1994 година. Двата филма, иако временски различни, го имаат заедничкиот именител на Скорсезе за новиот американски свет чиј дух го носи уште од младоста живеејќи во милјето на т.н. Мала Италија/Little Italy. ДОБРИ МОМЧИЊА е инспириран од подземјето на мафијата и нејзините сурови закони со тенката линија меѓу животот и смртта, а во насловните улоги е одличното трио: Роберт де Ниро/Robert De Niro, Џое Пеши/Joe Pesci и Реј Лиота/Ray Liotta, на чија актерска енергија и појавност Скорсезе и Балхаус ја градат експлозивната драмско-визуелна структура. Внатрешната драмска разбранетост и неизвесност го инспирирале Балхаус за различна употреба на камерата, од steadicam до handy-cam/камера од рака. Од друга страна, ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ со историската дистанца, враќајќи нè во епохата на моралната декаденција на американската аристократија, од смената на вековите, се општата атмосфера врз која Балхаус, низ сценографијата и костимите, ја гради визуелната парабола за гревот на новото време, во новиот свет, метафорички одразено во неостварената, несреќна љубов.

Еден од изразно-колоративно најспецифичните и најбогатите филмови што ги потпишува Михаел Балхаус е ДРАКУЛА/BRAM STOKER’S DRACULA (1992) на Френсис Форд Копола, чиј буџет бил „само” 20 милиони долари, а остава впечаток дека е двојно поскап. Иако веќе работел со Виторио Стораро/Vittorio Storaro, кој го освои првиот од трите Оскари во 1979 година токму за АПОКАЛИПСА СЕГА/АPOCALIPSE NOW, Копола го поканил Балхаус за кинематографер на ДРАКУЛА. Познат по тоа дека се придржува цврсто на сценариото, но и дека импровизира на сетовите, во ДРАКУЛА Копола применил поинаков стил. Како што објаснува Балхаус, тие за овој филм подготвувале сториборд/storyboard со прецизни означувања што и како ќе снимаат. Сторибордот го работеле сцена по сцена, со исцрпни дискусии и предлози, а Балхаус идеите ги претворал во слики за по 10 - неделна деноноќна работа да ја имаат финалната верзија на сторибордот, по што го започнале снимањето. Меѓутоа, поради некомпатибилноста на актерите, на едната страна, Aмериканците: Винона Рајдер/Winona Rider и Киену Ривс/Keanu Reeves, а на другата Британците: Гери Олдмен/Gary Oldman и Ентони Хопкинс/Anthony Hopkins, се тргнало наопаку од прецизно зацртаниот сториборд. Копола паѓа во криза, предлагајќи му на Балхаус да работат комплементарно како лице и опачина на една паричка, но и тоа не му помогнало на Копола, за на крајот да се вратат на првично зацртаниот план. Целиот филм е сниман во студија со гигантски димензии, фантастична сценографија и костимографија и на тоа приспособени маски на актерите, за да се добие димензијата на “Готска опера”, чија прототипска инспирација бил класичниот антологиски филм НОСФЕРАТУ/NOSFERATU на Мурнау/Murnau. При снимањето Балхаус користел разновидна техника, понекогаш за една сцена биле користени по 3 камери, а се користеле и специјални ефекти и компјутерски создавани сцени/слики, а куриозитетно, се користеле и стари модели на камери.

Од позначајните соработки што Балхаус ги имал во САД е и онаа со уште еден познат актер-режисер каков што е Роберт Редфорд во неговиот филм КВИЗ ШОУ/QUIZ SHOW (1994). Следуваат едноподруго: фантастичниот суспенс за опасноста од епидемичен вирус што би довел до масовно уништување на човештвото ЕПИДЕМИЈА/OUTBREAK (1995) на режисерот Волфганг Петерсон, па криминалистичкиот- трилер СОНУВАЧИ/SLEEPERS (1996) на режисерот Бери Левинсон и уште една соработка со Мајк Николс во драмската комедија ПРИМАРНИ БОИ/PRIMARY COLORS (1998).

Конечно, доаѓаме до најамбициозниот, најскапиот и најмногу од срце долгопосакуваниот од Скорсезе филм на кој работел Балхаус. Според мислењето на Балхаус, БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК/ GANGS OF NEW YORK (2002) е еден од најесенцијалните филмови во кариерата на Скорсезе за кој го анагажира актерското врвно трио: Леонардо ди Каприо/Leonardo DiCaprio, Дениел Деј Луис/Daniel Day Lewis и Камерон Дијаз/Cameron Diaz. Претходно, клучно било ангажирањето на продуцентот Харви Вајнштајн/Harvey Weinstein со Miramax, a за да се добие деталниот историски бекграунд со подразбирливиот колорит и драматика, бил ангажиран сценаристот Кенет Лонерган/Kenneth Lonergan кој цело време во текот на снимањето соработуваше со Скорсезе и актерите. Од своја страна, Балхаус од Њујорк ги донел своите најзначајни постојани соработници кои го сочинувале неговото снимателско „тимско-племе” (во германскиот оригинал тој го нарекува “Stammteam”) во кое влегуваат: главниот осветлител/gaffer Џими Тајнс/Jimmy Tynes, key-grip Патрик Дејли/Patrick Daily, снимателот Ендрју Роуленд/Andrew Rowland и асистентот на камера Том Лепин/Tom Lapin. Како еден од најзначајните експерти за ваков тип филмови бил ангажиран познатиот Данте Ферети/Dante Ferretti (претходно работел и на филмот ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ) кој како сценограф/production designer со својата огромна екипа од над 250 соработници со месеци ги подготвувал сетовите, меѓу кои се оние за спектакуларните сцени, со 2 оригинални брода, со пристаниште и илузија на морето во заднината или некогашните квартови на Њујорк (со 5 комплетни трамваи) во кои се одвиваат тепачките меѓу ганговите. Филмот е сниман во Италија во студијата на Чинечита, со рекорден буџет, а по големите подготовки снимањето започнало во 2000 година и траело околу 8 месеци.

За системот на работа во овој деликатен филм каков што е БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК, Скорсезе и Балхаус примениле еден комбиниран метод. Наутро се правеле проби со актерите кога Балхаус со екипата можел да го одредува и мизансценот и позиционирањето на камерите со што се создавала атмосфера на спонтаност, но притоа Скорсезе природно имал некои однапред замислени идеи кои морале да бидат вклучени во одредени сцени. Според тоа, комбинацијата меѓу импровизациите и јасните визии се покажала како оптимален метод на работа и поттикнувачки за сите. Во процесот на снимање Балхаус користел многу Steadicam и Cable Cam (камера поставена на кабел по кој се движела за снимање од горен ракурс во масовните сцени). Се снимало по 14 до 15 часови на ден и тоа било навистина исцрпувачка, напорна работа. Филмот БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК е инспириран од корените и почетоците на бандитизмот во мегалополисот Њујорк, во кој Скорсезе, преку историскиот бекграунд го бара одговорот за она што е Њујорк како феномен, со гангстеризмот од времето на прохибицијата со Ал Капоне или Дилинџер до неговото сегашно подземје и софистицираноста на мафијата и организираниот криминал кои се составни делови на американското општество и затоа финалниот кадар со Њујорк снимен ноќе во сегашноста, како сугестија дека феноменот на БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК е нешто што продолжува. Бидејќи во суштина филмот се занимава со злото, со бруталноста и насилството, со крволочните битки до истребување меѓу спротивставените банди, кои наликуваат на дивјачки кланици, сето тоа било апсолутно тешко да го контролира и реализира самиот Балхаус. Тој бил среќен што големиот дел од масовните и брутални сцени на тепачки биле снимани од Second Unit, што било за првпат применето од Скорсезе. Кинематографер на овие секвенци бил неговиот помлад син Флоријан, а Балхаус како татко е горд на неговата работа признавајќи дека во тие сцени Флоријан внел посебна визуелна силина, додека самиот Балхаус се концентрирал на работата со главното актерско трио. За тоа какво значење во неговата богата кариера има филмот БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК, Балхаус истакнува: „Овој филм е еден вид круна на мојата работа, највисока точка. И иако не е мој последен филм, за тоа понекогаш размислувам, тоа е мојата квинтесенција, суштински и формално. Тоа беше апсолутно бескомпромисна работа, ние сторивме апсолутно сè што сакавме... Малку се такви филмови во кои човек добива толку многу луѓе за соработници на мал простор, кои се толку еуфорични и кои воедно на највисоко ниво можеа и сакаа да работат. БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК за мене беше една ретка среќа“. Тоа воедно беше третата Номинација за Оскар што ја освои Балхаус во 2003 година.

Скопје, август 2006
Благоја КУНОВСКИ-ДОРЕ

 

МИХАЕЛ БАЛХАУС / MICHAEL BALLHAUS
ФИЛМОГРАФИЈА (избор)

ЗАМИНАТИОТ/THE DEPARTED (2006, постпродукција/post production);
НЕШТО ТРЕБА ДА СЕ ДАДЕ/SOMETHING’S GOTTA GIVE (2003);
БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК/GANGS OF NEW YORK (2002);
ЛЕГЕНДАТА ЗА БЕГЕР ВЕНС/THE LEGEND OF BAGGER VANCE (2000);
ДИВ ДИВ ЗАПАД/WILD WILD WEST (1999);
ПРИМАРНИ БОИ/PRIMARY COLORS (1998);
АВИЈАЦИЈА ЕДЕН/AFO-AIR FORCE ONE (1997);
СОНУВАЧИ/SLEEPERS (1996);
ЕПИДЕМИЈА/OUTBREAK (1995);
КВИЗ ШОУ/QUIZ SHOW (1994);
ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ/THE AGE OF INNOCENCE (1993);
ДРАКУЛА/DRACULA-BRAM STOKER’S DRACULA (1992);
ДОБРИ МОМЧИЊА/GOODFELLAS (1990);
ПРЕКРАСНИТЕ  МОМЧИЊА БЕЈКЕР/THE FABULOUS BAKER BOYS (1989);
РАБОТНИЧКА/WORKING GIRL (1988);
ПОСЛЕДНОТО ИСКУШЕНИЕ НА ХРИСТОС/THE LAST TEMPTATION OF CHRIST (1988);
TВ ВЕСТИ/BROADCAST NEWS (1987);
СТАКЛЕНА МЕНАЖЕРИЈА/THE GLASS MENAGERIE (1987);
БОЈАТА НА ПАРИТЕ/THE COLOR OF MONEY (1986);
СМРТТА НА ТРГОВСКИОТ ПАТНИК/DEATH OF A SALESMAN (1985);
НОЌНИ ЧАСОВИ/AFTER HOURS (1985);
ДЕВОЈКО, ТОА СИ ТИ/BABY IT’S YOU (1983);
МИЛ ПРЕКРАСЕН ГОСПОДИНЕ/DEAR Mr.WONDERFUL (1982);
ЛИЛИ МАРЛЕН/LILI MARLEEN (1981);
БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН/THE MARRIAGE OF MARIA BRAUN (1979);
ОЧАЈ/DESPAIR (1978);
КИНЕСКИ РУЛЕТ/CHINESE ROULETTE (1976);
ЛЕТНИ ГОСТИ/SOMMERGASTE (1976);
MAJKA KУСТЕРС ОДИ НА НЕБО/MOTHER KUSTERS GOES TO HEAVEN (1975);
МАРТА/MARTHA (1974);
СВЕТОТ НА ЖИЦА/WORLD OD WIRE (1973);
ГОРЧЛИВИТЕ СОЛЗИ НА ПЕТРА ФОН КАНТ/THE BITTER TEARS OF PETRA VON KANT (1972);
БЕЛЧО/WHITY (1971);
ВНИМАВАЈ НА СВЕТАТА КУРВА/BEWARE OF A HOLY WHORE (1971);
НЕКОЛКУПАТИ ДНЕВНО/SEVERAL TIMES DAILY (1968);
ЖЕЛБИ ОД ЗЕМЈАТА НА СНИШТАТА/DREAMLAND OF DESIRE (1958).