СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА “ЗЛАТНА КАМЕРА 300”
ЗА ПРИДОНЕС ВО СВЕТСКАТА ФИЛМСКА УМЕТНОСТ
ЧАРЛС ДЕНС

 

„Ги мразам етикетите како префинет и софистициран.
Не сум ниту едното ниту другото.  Кога ќе ви залепат етикета, луѓето веруваат во нејзиното значење. Ако некој ве нарече префинет и софистициран, ќе добивате само улоги со одело, јака и вратоврска. Само по игра на случајноста, мене ми стојат прилично добро“.

Ова се зборовите на Чарлс Денс, прославениот британски актер кој со години импонира со својата префинетост и софистицираност што му стојат повеќе од добро, подеднакво на филмското платно и театарската сцена. Меѓутоа, главното негово оружје се состои во неговата совршена моќ на трансформација на овие карактеристики во нивен контраст, токму во моментите кога се навикнуваме на нив. Постојат малку актери кои успеваат толку суптилно да ја соочат во совршен баланс својата маркантна појавност и интелегентната актерска игра.

Чарлс Денс е роден во Бирмингем, Англија, на 10. октомври 1946 година.

Во 1975 година, Чарлс Денс беше поканет да му се придружи на престижниот театар Royal Shakespeare Company каде што ексклузивно работеше до 1980  година. Во тој период, многу пати играше улоги како Фортинбрас / Рејнлодс во ХАМЛЕТ, Кејтсби во РИЧАРД ТРЕТИ, Оливер во КАКО МИЛУВАТЕ, Ланкастер и Вилијамс во ХЕНРИ ПЕТТИ, Бекингем во ХЕНРИ ШЕСТИ, Фримен во ЗАТВОРСКИОТ ДНЕВНИК на Алби Зекс и Тулус Ауфидиус во КОРИОЛАН.

Во 1989 година, Чарлс Денс повторно се приклучи на Royal Shakespeare Company каде што ја имаше главната улога во претставата Кориолан, што се играше на сцените во Стратфорд на Ејвон, Њукасл и Лондонскиот Барбикан Центар. Во Националниот Театар, неодмана се појави како Хари во претставата според текстот на Џим Бартон - ТЕМНА КРВ.

Своето телевизиско деби го имаше во 1975 година како Принц Еди во мини-серијата КРАЛОТ ЕДВАРД. Имаше и специјално појавување во улогата на Теди Гарланд во популарната серија КОЦКАЊЕ во 1977 година. Неговиот портрет на Гај Перон во серијата од 1984 година, работена според класичното дело ДРАГИОТ КАМЕН ВО КРУНАТА, го втемели Чарлс како признаен и реномиран ТВ актер. Во наредните години, исполни неколку значајни улоги во областа на телевизиската играна продукција - 1987 година, играше како Гери Стемфорд со Ширли Меклејн како партнерка во ТВ - драмата НА РАБОТ; во 1988 година, го играше Мајкл Хејден во трилерот НАДВОР ОД СЕНКИТЕ; во 1990 година, Фантомот во мини - серијата ФАНТОМОТ ОД ОПЕРАТА.

Чарлс Денс за прв пат се појави на големото платно во 1981 година, со мала улога заедно со Роџер Мур во филм од серијалот за Џејмс Бонд, САМО ЗА ТВОИТЕ ОЧИ. Следува главната улога со Мерил Стрип во филмот МНОГУ во 1985 година - пресудна за неговата филмска кариера. Следуваат бројни улоги во филмовите: МЕК ГАФИН (1985); ЗЛАТНОТО ДЕТЕ (1986); ДОБРОУТРО, ВАВИЛОН (1987); БЕЛА НЕВОЉА (1987); СКРИЕН ГРАД (1988); ОСТРОВОТ ПАСКАЛИ (1988); КИНЕСКИ МЕСЕЦ (1991); ВОНЗЕМЈАНИН 3 (1992);  КАМЕНАТА ДОЛИНА (1992); ПОСЛЕДНИОТ АКЦИОНЕН ХЕРОЈ (1993); ВЕК (1993); НАНУК (1994); ХИРУРГОТ (1994); ПОКРАТКИОТ ПАТ ДО РАЈОТ (1994). Во 1996 година го играше Соамс заедно со Лијам Нисон во филмот МАЈКЛ КОЛИНС; и Лил Јејтс во филмот МОРСКА СТРУЈА; а во 1997 играше во филмовите КРВАВИ ПОРТОКАЛИ и ВСЕЛЕНСКИ КАМИОНЏИИ, футуристички road movie во кој настапува заедно со Денис Хопер и Деби Мазур. Во 1998 година се појави во филмовите БЕЛИТЕ ГЛУВЦИ НЕ СЕ ДОВОЛНИ; ХИЛАРИ И ЏЕКИ; и НИЕ ПОЧНУВАМЕ СО ВАС ЗАЕДНО.

На почетокот на 2000-та година Чарлс Денс одново се појави на британската телевизија во ТВ - филмот СОБИ ЗА УБИВАЊЕ: МРАЧНИТЕ ПОЧЕТОЦИ НА ШЕРЛОК ХОЛМС.
Исто така, во фебруари 2000 година, BBC му оддаде почит доделувајќи му ја наградата Црвена книга во специјалната емисија ТОА Е ТВОЈОТ ЖИВОТ.
Во ноември истата година, заедно со Џесика Ланг, Чарлс се врати на театарската сцена со улогата на Џејмс Тајрон во антологиското драмско дело на писателот Јуџин О'Нил, ДОЛГО ПАТУВАЊЕ ВО НОЌТА,  изведено во Lyric Theatre.

Негови филмови во 2001 беа: воената драма ТЕМНО СИН СВЕТ со Тара Фицџералд и ПАРКОТ ГОСФОРД со Ален Бејтс. Истата година се појави на Британската телевизија во драматизацијата ЖИВОТОТ И АВАНТУРИТЕ НА НИКОЛАС НИКЛБИ, според делото на Чарлс Дикенс, каде ја играше улогата на Ралф Никлби со Џејмс Дарси како Николас. Во септември 2003 година настапи како Ник Харвуд во серијата реализирана според делото на Линда Ла Плант со насловот СУДЕЊЕ И ОДМАЗДА. Во 2004, во продукција на BBC1, тој играше во адаптацијата на номинираното дело за најдобра книга на годината - FINGERSMITH на авторката Сара Вотерс, во режија на Питер Рензли.

Во 2004 Чарлс го напиша сценариото, беше продуцент и режисер на филмот ДАМИ ВО ЛАВАНДА, приказна за две сестри кои спасуваат еден туѓинец кој им ги краде срцата. Во филмот играат Џуди Денч и Меги Смит, двете несомнено најголеми Дами/Dame на британското актерство, што на Чарлс Денс му беше дополнителен стимул и поттик во овој филм да ги демонстрира и латентно скриените креативни потенцијали како режисер на засега едниот, но вреден филм.
На почетокот на 2005 година, Чарлс Денс го играше Сер Хенри Сомерсет во драмата на ББЦ  ДО КРАИШТАТА НА ЗЕМЈАТА.
Во есента 2005 година, беше еден од главните ѕвезди во 15 - епизодната адаптација на епското дело на Чарлс Дикенс - ПУСТА КУЌА, во режија на Андрју Дајвис, каде Чарлс Денс го игра адвокатот Талкингорн, а се прикажуваше два пати неделно на BBC1.

Во фебруари 2006 Чарлс ја играше улогата на Септимус Блај во драмата МАРПЛ : СПОРЕД БОЦКАЊЕТО НА МОИТЕ ПАЛЦИ, во продукција на ITV.

Негов најнов ангажман е улогата во комедијата ЛУДНИЦА.

Чарлс Денс е добитник  на наградата О.Б.Е. (Oficer of the Order of the British Empire) за неговите заслуги како актер во 2006 година - вклучен во Роденденската почесна листа на кралицата.