НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗЛАТНА КАМЕРА 300

ВАЛТЕР КАРВАЉО

 

Бразилскиот филм има голема и славна традиција со многу значајни филмски уметници кои се вградија во Бразилската кинематографија, бивајќи една од најводечките во севкупниот латиноамерикански филм, а со тоа изборувајќи и престижна позиција во рамките на севкупната светска филмска уметност. Ние во Европа, покрај следењето на големата американска кинематографија, бевме природно посветени на она што се случуваше во единечните европски национални кинематографии, но како доследни следбеници на генералната филмска уметност, со должно внимание и респект ги поздравувавме сите филмови што доаѓаа од далечниот Јужноамерикански континент, се разбира, од тамошните национални кинематографии меѓу кои Бразилската ја имаше лидерската позиција.

Во времето на мојата младост, кога светскиот филм беше редовно присутен на домашниот кино репертоар, а оние најуметничките и најавторските филмови ги гледавме на специјализирани програми, токму кога од Италија беше лансиран тамошниот Неореализам, внесувајќи го пост-воениот дух на новиот италијански филм и нешто подоцна кога Французите го инаугурираа светски значајниот Нов Филмски Бран од почетокот на 1960-те, од далечната Бразилска кинематографија во Европа пристигна нивниот CINEMA NOVO/НОВИОТ ФИЛМ (инаугуриран со Манифестот “Естетика на формата” во 1965 година, а чиј родоначалник беше Глаубер РОЧА/Glauber ROCHA (1939-1981). Неговите филмови ги дочекавме со восхит, станувајќи фанатични следбеници на овој култен автор. Во мојата рана критичарска фаза бев занесен и понесен од авторскиот гениј на Роча, чиј култен антологиски филм АНТОНИО ОД МРТВИТЕ/ANTONIO DAS MORTES (1969, за кој Роча доби Награда за режија во Кан) стана моја неизбежна филмска ”храна”, посветувајќи му десетици текстови-анализи и критички осврти.

Спомените навираат со јасно сочуваната меморија дека тогаш го откривавме Бразилскиот нов филм, согледувајќи ја димензијата на неговото значење и за светскиот. АНТОНИО ОД МРТВИТЕ (последен во трилогијата), дојде како потврда на талентот на Роча, најавен со неговите предходни филмови: БАРАВЕНТО/BARRAVENTO (1961) и првите два од трилогијата: ЦРН ГОСПОД БЕЛ ЃАВОЛ/BLACK GOD WHITE DEVIL (1964), ЗЕМЈА ВО ТРАНС/TERRA EM TRANS (1967). Така, во појавата на Бразилскиот Нов Филм во 1960-те што се совпаѓаше со сродната филмска, новобрановска генеза во Франција и потоа низ Европа, сфативме дека тоа беа неизбежни процеси на испреплетување, иако секој зароден од својата традиција и културна баштина. Во Роча го препознававме родениот Бразилец Алберто КАВАЛКАНТИ (1897-1982), кој токму во Европа/Франција ја започна својата рана фаза, станувајќи дел од француската кинематографија. Потоа од Бразил ни доагјаа филмовите на Карлос ДИЕГЕШ/Carlos Diegues, Бруно и Лима БАРЕТО/Barreto, Нелсон Переира Дос Сантос/Nelson Perreira Dos Santos или на Руи ГУЕРА/Ruy GUERRA па Хектор БАБЕНКО/Hektor BABENCO, се’ до предводникот на најновиот бразилски филмски бран започнат од средината на 1980-те, Валтер САЛЕС со кого токму неговиот имењак, нашиот годинашен Луреат на Наградата за Животно Дело-Валтер КАРВАЉО го започна својот светски поход со низа филмови кои се веќе антологиски за бразилската понова кинематографска фаза.

Во развојот на богатата кариера на Валтер Карваљо има многу суштинска поврзаност со неговиот постар брат-режисерот, сценарист, продуцент, монтажер и актер- Владимир Карваљо (1931) кој го вовлекува во филмската уметност како камерман во филмот “За земјата на Сао Саруе”/”O Pais de Sao Sarue” во 1971. Потоа Валтер Карваљо работи како асистент на тогаш поискусните кинематографери Диб Луфти, Хосе Медеирос и Фернандо Дуарте (потсетување: во рамките на Документарната програма VERITE NUOVO го прикажуваме долгометражниот документарен филм на режисерката Кристина Леал/Cristina Leal во кој како портрети се снимени искажувањата за нивната работа на 6 водечки Бразилски кинематографери: Диб Луфти/Dib Lufti, Фернандо Дуарте/Fernando Duarte, Едгар Моура/Edgar Moura, Педро Фаркас/Pedro Farkas, Марио Карнеиро и најмладиот меѓу нив Валтер Карваљо), за како самостоен кинематографер да дебитира 1973 година во играниот филм BOI DE PRATA на режисерот Аугусто Рибеиро Јуниор. Валтеровата семејна поврзаност продолжува во однос на неговиот супер талентиран син- Лула КАРВАЉО, кој природно се изнедрува од снимателската школа на својот голем татко, од кого ги научи сите тајни на снимателството и филмската фотографија (Лула му беше прв асистент на камера на својот татко во неколку од неговите најзначајни филмови како кинематографер: ЛЕВО ОД ТАТКОТО   и ЗАД СОНЦЕТО, обата снимени 2001, па во КАРАНДИРУ во 2003, а во 2006 му беше снимател во филмот СЈУЕЛИ НА НЕБОТО) за конечно да се осамостои и својот раскошен талент да го демонстрира токму во неговиот најнов филм избран во нашата годинашна Компетиција ЕЛИТНА ЕДИНИЦА/ELITE SQUAD на режисерот дебитант Хосе Падиља.

Валтер Карваљо, кинематографер, фотограф, режисер, сценарист, продуцент  е роден во 1947 година во градот Жоао Песоа/Joao Pessoa, во едната од 26-те држави на Бразилската Федерација- Параиба/Paraiba.

Тој се преселил во Рио де Жанеиро во 1968 и студирал графички дизајн. Во својата богата кариера како кинематографер снимил над 60 целовечерни филмови, а режирал 4 кои исто така му донесоа бројни фестивалски награди. Тоа се филмовите: МОАЦИР БРУТАЛНА УМЕТНОСТ/MOACIR, BRUTAL ART (2005, во кој е и сценарист-документарен портрет за бизарниот самоук сликар Моацир Диас/Moacir Dias, во кој Карваљо со својот графичарски бекграунд го доловува сликарскиот свет на уметникот без школување и кој го слика интунитивно она што го чувствува, според толкувањето на психоаналитичарите како” Сликите што ги гледаме пред нас се различни од оние слики што ги гледаме во нас”; вториот целовечерен документарен филм во кој Карваљо е исто така сценарист и ко-режисер со Жоао Жардим/Joao Jardim е JANELA DA ALMA (2001) , кој му ги донесе наградите за најдобар филм во Бразил и Латинска Америка како и наградата за кинематографер; другите 2 филма на Карваљо како режисер му се: CAZUZA-O TEMPO NAO PARA (2004, долгометражен документарен портрет, box-office hit во Бразил, корежиран со Сандра Вернек, инспириран од биографијата на популарната рок ѕвезда Nao Para кој умрел од СИДА во 1990) и LUNARIO PERPETUO(2003). Најинтересното и најсимболичното во поврзаноста со својот син Лула е нивниот најнов игран проект, бразилско-унгарската копродукција БУДИМПЕШТА/BUDAPEST,  во кој таткото Валтер е режисер, а синот Лула кинематографер. Филмот е сниман во Будимпешта (премиерата е закажана за Февруари 2009, можеби и како учесник на Берлинскиот Фестивал), а е работен според романот на Чико Буарке де Холанда/Chico Buarque de Hollanda, за Хосе Коста, Бразилски дух-писател, кому, враќајќи се од Конвенцијата на писателите-духови, авионот во кој летал му бил принудно пренасочен кон Будимпешта...

Валтер КАРВАЉО е најмладиот лауреат на Наградата за Животно Дело “Златна Камера 300” и според досега оствараениот опус е апсолутно заслужен да влезе во клубот на великаните на нашиот фестивал. Ние сме посебно горди што Валтер ја добива нашата најголема награда, дотолку повеќе што тој е длабоко сврзан за Фeстивалот Браќа Манаки како досегашен апсолутен шампион со освоените 2 “Златни Камери 300”: во 1998 за филмот ЦЕНТРАЛНА СТАНИЦА/CENTRAL DO BRASIL и во 2002 за филмот ЛЕВО ОД ТАТКОТО/TO THE LEFT OF THE FATHER  и “Сребрена Камера 300” во 1996 за филмот ТУЃА ЗЕМЈА/FOREIGN LAND. Сите три филма на свој начин го карактеризираат големото мајсторство на Уметникот-кинематографер Валтер Карваљо.Но, да тргнеме по хронолошкиот ред на појавување на секој од наградените филмови на нашиот фестивал.

Големото откритие на Карваљо во пошироки светски рамки заедно со режисерскиот тандем Валтер Салес/Walter Salles-Даниела Томас/Daniela Thomas беше филмот ТУЃА ЗЕМЈА (1996, дебитантско крштевање на режисерската двојка, кои, по долга пауза, годинава во Канската Компетиција се појавија со исто така одличниот филм ЛИНИЈА НА ДОДАВАЊЕ/LINHA DE PASSE). ТУЃА ЗЕМЈА ја следи судбината на двајца млади кои поради кризата во Бразил по 1990-та, заедно со други 800 000 млади Бразилци, се принудени на егзил. Пако, живее во едно предградие на Сао Паоло со живот исполнет со надежи и сништа, Алекс, млада Бразилка, емигрантка во Португалија. Скокајќи меѓу нивните приказни во Сао Паоло и Лисабон, режисерите ја развиваат динамиката на испреплетените дејствија како своевиден road-movie, што Карваљо во црно-бела фотографија и адекватна снимателска поставеност го оформува визуелно-документаристички но воедно и со сугестијата, за личните кризи и живот на работ на егзистенција на младите, да се преточат во заедничка можна љубов како посакувана среќа.

Од црно-белата фотографија како експресија, Валтер Карваљо својот врв го достигнува во двете ремек дела на колор-фотографијата и снимателската перфекција, двата лауреати на “Златна Камера 300”: ЦЕНТРАЛНА СТАНИЦА/CENTRAL DO BRASIL (1998) и ЛЕВО ОД ТАТКОТО/TO THE LEFT OF THE FATHER (2002).

Во освојувачот на “Златната Мечка” во Берлин- ЦЕНТРАЛНА СТАНИЦА, режисерот Салес  ја поставува драмата на една жена- Дора, бивша учителка која на неписмените патници на Централната железничка станица во Рио де Жанеиро им ги пишува и селективно испраќа писмата до саканата дестинација, и Жозуе-9 годишно  дете, кое по несреќната смрт на неговата млада мајка, ќе ја придобие љубовта на Дора која ќе го поведе со себе во авантурата кон Бразилскиот северозапад во потрага по неговиот татко. Во таквите рамки, кинематограферот Карваљо доаѓа до полн израз, сликајќи ја најнапред документаристички-изворната атмосфера во автентиката на големата железничка станица со патниците од милионскиот велеград. Во вториот дел кога Дора и детето се тргнати на пат во потрага по таткото, Карваљо создава уште поефектна документаристичка атмосфера на откривање на Бразил и неговите луѓе, како копнеж кон своите корени особено во визуелно-снимателски пребогатата ноќна секвенца на карневалот како суштински национален печат, изразено во магијата на илуминациите, декорот како бит и сето тоа како катарза, на индивидуален план на Дора со спонтаната љубов кон малиот Жозуе, а на етно ниво, изразен духот на народот во виорот на животот. Карваљо гради секвенци како визуелна драматика со бисерни пасажи, на пример, оној на чудесното движење на камерата изведено зачудувачки ефектно како премин низ вагон.

Валтер Карваљо, во вториот филм ЛЕВО ОД ТАТКОТО/LAVOURA ARCAICA/TO THE LEFT OF THE FATHER искитен со “Златна Камера 300”, како фотограф и кинематографер го развива својот изразен потенцијал до невиден перфекционизам, на кој му се восхитуваат и неговите колеги, признавајќи му го врвното уметничко мајсторство. Тој се јавува како драгоцен и решавачки креативен соработник за режисерот дебитант Луиз Фернандо Карваљо (веројатно некој од големата роднинска лоза на Карваљовци). Филмот е работен според best-seller книгата Lavoura Arcaica на Радуан Насар за едно Либанско семејство на имигранти во внатрешноста на Бразил. Режисерот и сценарист Луиз Карваљо ја гради епската сага во која се испреплетуваат горливите теми и односи какви што се љубовта, инцестот, проституцијата, хомосексуалноста низ призмата на семејните врски и конфликти, притоа фокусно е синтетизирана параболата за “расипничкиот син”, а одтаму изворниот наслов LAVOURA ARCAICA/АРХАИЧНА РАБОТА е приспособен како релација на синот ЛЕВО ОД ТАТКОТО. Во таквата драматична епска спрега, снимано на изворните локации од романот, кинематограферот виртуоз Валтер Карваљо ја внел сета своја творечка енергија, создавајќи раскошно динамични секвенци со галерија впечатливи личности, експресивна колоратура, низ виорно разиграна камера и со сликарско-фотографски детаљи доловени како фотографски бисерни целини од кои застанува здивот. Во овој филм, се чини, Валтер со сета љубов и посветеност кон фотографијата гради една несекојдневна, ретко видена во светскиот филм, визуелна симфонија, како врвно кинематограферско ремек-дело.

Од соработката на режисерот Валтер Салес со Валтер Карваљо како негов креативен партнер-кинематографер, треба секако да се вклучи и филмот ЗАД СОНЦЕТО/ABRIL DESPEDACADO/BEHIND THE SUN (2001). Базиран врз романот СКРШЕН АПРИЛ/BROKEN APRIL на Албанскиот писател Исмаил Кадаре, филмот ја донесува хрониката на спиралата на крвна одмазда меѓу две семејства поместено во руралниот амбиент на Бразил во 1910 година. Ваквата крајно прегнантна и тензична атмосфера Карваљо ја гради низ соодветната визуелна драматика во сликањето на централните личности со што се потенцира нивното проклетство и трагика, да постојат меѓу тенката линија на животот и смртта, со фатализам и фанатизам кои ги раководат нивните животи во агонијата, за модерниот живот како копнеж по слобода и мир.

Во двата филма што ги потпишува режисерот Карим Аинуз/Karim Ainouz: МАДАМ САТА/MADAM SATA (2002) и СЈУЕЛИ НА НЕБОТО/SUELY IN THE SKY, во првиот, преку портретот на трансвеститот Жоао Франциско дос Сантос наречен Мадам Сата и во вториот, преку младата мајка Хермила која е принудена да се проституира напуштајќи го Сао Паоло- Карваљо, еднакво ефектно, ја доловува животната автентика следејќи ја драмата на овие, колку далечни, а толку блиски личности, обединети со заедничкиот именител на проституцијата.

Најблиску до неговиот документаристички сензибилитет како режисер, изразен во гореспомнатите филмови што ги режираше на почетокот и во текот на 2000-те,
Карваљо е во силната затворска драма КАРАНДИРУ/CARANDIRU(2003) на режисерот и ко-сценарист, искусниот од постарата генерација Хектор Бабенко. Карандиру е името на злогласниот затвор во Сао Паоло, преполнет со над 2500 затвореници, од кои, по предизвиканиот бунт, 111 биле крваво ликвидирани од специјалните полициски единици против затворски бунтови наречени Riot Squad.

По тој крвав настан бразилските власти наредиле затворот да се крене во воздух за да се елиминира местото на злосторството, што одекна со осуда и надвор во светот. Бабенко ги реконструира случувањата во затворот како сеќавања на автентичниот затворски доктор Драузио Варела/Drauzio Varella, а фактографски изворниот амбиент на скоро документаристички убедлив начин го слика Карваљо, донесувајќи галерија затворски личности со сите карактеристики на тој микрокосмос, свет во мало, со наркоманијата, хомосексуализмот, убијците од ков, на страната на затворениците и затворските полицајци на спротивставената страна, своевиден затворски град кој функционира врз своите сурови норми, полни со насилство и страв да се биде жртва на постојано активираната негативна енергија.

Валтер Караваљо зад себе има над 60 целовечерни филмови како кинематографер, со околу 40 освоени награди на фестивалите во Бразил и во светот, петтиот филм БУДИМПЕШТА, како режисер, го подготвува во полниот напон на својата творечка енергија. И како најмлад наш лауреат на Наградата за Животно Дело, ја има објективната можност и отвореност кон натамошното создавање нови филмови, во својство на светски водечки кинематографер со кого е привилегија да се работи или како режисер кој дополнително ја збогатува својата творечка, уметничка личност. Му посакувам добро здравје и уште многу нови филмови со кои ќе не исполнува и восхитува.

Благоја КУНОВСКИ-ДОРЕ