Вељко БУЛАЈИЌ
СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА “ЗЛАТНА КАМЕРА 300”

 

Вељко Булајиќ е роден на 23 Март 1928 година во Вилуси, Црна Гора (ex- Југославија).

Историјата на филмското творештво му доделува на Вељко Булајиќ исклучително место во создавањето на хрватската кинематографија. Неговиот прв целовечерен игран филм ВОЗ БЕЗ ВОЗЕН РЕД/TRAIN WITHOUT A TIMETABLE (1959) се смета за решавачка пресвртница со која се поставени повисоки критериуми во кинематографијата на ex-Југославија. На филмскиот фестивал во Кан критиката го истакна филмот и како значајно остварување на светската кинематографија. Француските филмски критичари го вброија меѓу десетте најдобри филмови на годината. Овој филм е со успех прикажан во 30 земји во светот.

Неговиот втор филм ВОЈНА/WAR (1960), според сценариото на Чезаре Ѕаватини/Cezare Zavattini, предизвика силни коментари дома и во странство. Авторите го изложија на немилосрдна иронија секој вид милитаризам, а особено можната нуклеарна војна. Жорж Садул рекол: ”Тоа не е ремек-дело, но е незаборавно”.

ЗОВРИЕН ГРАД/BOOM TOWN (1961), третиот филм на Булајиќ, го прикажува на отворен и критички начин животот на едно големо градилиште. Овој филм беше фактички првиот реализиран во бивша Југославија кој критички се однесуваше спрема современите општествени случувања. Филмот беше прикажан на фестивалот во Венеција каде што критиката го оцени високо. Би можело да се каже дека ЗОВРИЕН ГРАД го означува почетокот на бранот на критичкиот филм во земјите на Источна Европа. Филмот беше забранет за прикажување и во Босна и Херцеговина каде што се случува неговото дејствие.

Булајиќевата нагорна линија во светскиот филм беше означена со неговиот филм КОЗАРА (1962), освојувачот на Златен Медал на Меѓународниот Фестивал во Москва. КОЗАРА доживеа подеднаков успех на Запад и на Исток. Авторот во него дава нова димензија на воениот филм. Оценката на францускиот режисер Франсоа Трифо/Francois Truffaut, филмски автор со сосема различна поетика, укажа на уметничките вредности на филмот: “КОЗАРА ги сруши предрасудите дека воениот филм неможе повеќе да донесе ништо ново”.

Додека КОЗАРА доживуваше успех на сите континенти, Булајиќ го реализира долгометражниот документарен филм СКОПЈЕ 63/SKOPJE 63 (1964, снимен по катастрофалниот земјотрес во главниот град на Република Македонија-Скопје во 1963 година). Филмот доби низа високи награди и признанија ширум светот: Grand-Prix “Златен Лав Свети Марко” во Венеција, Grand-Prix “Златна Нимфа” во Монте Карло, Наградата на UNESCO “Калинга”, тоа се дел од главните награди кои го следеа планетарниот поход на овој документарен филм на Булајиќ. Шведскиот Филмски Институт го вброи СКОПЈЕ 63 меѓу 15-те најдобри филмови остварени меѓу 1920-1964.

Во 1966 Булаиќ го реализира ПОГЛЕД ВО ЗЕНИЦАТА НА СОНЦЕТО/LOOKING INTO THE EYES OF THE SUN, необичен и без сомнение еден од најоригиналните воени филмови. Дејствието е редуцирано до критични граници: три личности во снежен пејзаж, нивните судбини драматично сведени на елементарните прашања за човечката егзистенција. Со својата  скоро натуралистичка презентација филмот потсетува на “Белиот очњак” на Џек Лондон.

Наспроти ПОГЛЕД ВО ЗЕНИЦАТА НА СОНЦЕТО филмот БИТКА НА НЕРЕТВА/THE BATTLE OF NERETVA (1969) е спектакуларен по форма, но е епска поема по својата тема и приказната. Филмот се смета за извонредна екранизација на тема од Втората светска војна, пандан на “Најдолгиот пат” или “Голи и мртви”. БИТКА НА НЕРЕТВА е прикажан во целиот свет. Во некои земји имаше најголем број гледачи во годината. Филмот беше номиниран за Странскиот Оскар.

Филмот ДОНАТОР (1969) е Булајиќев исчекор, во, за него, нов жанр. Инспириран е од животот и патилата на младиот колекционер Ерик Шломовиќ во текот на Втората светска војна. Успехот на филмот ДОНАТОР кај тогашните југословенски гледачи и кај оние во Франција, каде што во добар дел се одвиваат настаните, како и кај критиката, ја потврдија способноста на авторот со успех да реализира и психолошки-акцион филм.

АТЕНТАТ ВО САРАЕВО/THE DAY THAT SHOOK THE WORLD (1975). На оваа тема, веќе присутна во европскиот филм, Булајиќ и пристапи на нов начин. Него пред се го интересирале судбините и личностите на протагонистите на оваа драма која ја предизвика I-та Светска војна. Булајиќ успеал, преку индивидуалното, да го достигне општото, прикажувајќи ги двете лица на тогашна Европа: колонизираниот Балкан (Босна и Сараево) и распаѓањето на австроунгарското царство.

Беше изненадување кога Булајиќ по АТЕНТАТ ВО САРАЕВО одново навлезе во обработка на друга историска тема, овој пат во манирот на фантастичниот жанр.
Филмот ЧОВЕК КОЈ ТРЕБА ДА БИДЕ УБИЕН/THE MAN TO DESTROY (1979) ги обработува “животот и смртта” на црногорскиот цар, измамникот ШЌЕПАН МАЛИОТ.

Со филмот ВИСОК НАПОН (1981) Булаиќ одново се враќа на грубата реалност, во годината 1948, кога Тито и Југославија му рекоа “Не” на Сталин. Беше тоа првиот филм што го обработува тој конфликт. Дејствието на филмот се случува во Загребската фабрика Раде Кончар, во времето на силниот судир со Сталин. Она што Булајиќ сакаше да го каже, го претстави во стилска форма: времето на соц-реализмот го прикажа иронично токму низ соц-реалистичкиот манир. На тој начин, со потсмев говореше за догмата на времето.

ГОЛЕМИОТ ТРАНСПОРТ/HEROES (1983) го прикажува патот на еден конвој на селски запреги, кои под драматични околности превезуваат храна од плодната рамнина на слободната територија во планините. Тоа е широка, силна фреска, која донесува низа впечатливи карактери и воени сцени. Филмот имаше рекордна гледаност во ex-Југославија.

ВЕТЕНА ЗЕМЈА (1986) ја следи темата на ВОЗ БЕЗ ВОЗЕН РЕД и се занимава со критика на присилната колективизација на селото на радикален, отворен начин, низ интересно артистичко проседе т.е. судски процес пред “Судот на народот”.

LIBERTAS (2006) е последниот филм на Булајиќ. По подолго време одново еден амбициозен меѓународен проект кој ја потврди незгаснатата виталност на авторот. Во драматичната сторија за големиот хрватски ренесансен писател, актерот, режисерот, музичарот Марин Држиќ, Булајиќ демитологизира едно време и храбро навлезе во полето на политиката. Филмот се истакнува со исклучителни актерски остварувања.

НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА:
Покрај веќе спомнатите награди и Номинации Вељко Булајиќ освои Награди за режија на фестивалите во Сан Себастиан и Њу Делхи, потоа Златен Медал во Москва, Grand Prix на фестивалот во Ваљадолид, како и неколку награди на публиката. Наградуван е со неколку Златни Арени на фестивалот во Пула за најдобри филмови и за режија.

Вељко Булајиќ беше двапати член на жирито во Кан, како и на фестивалите  во Венеција, Москва и Њу Делхи.

Трикратен освојувач е на Наградата АВНОЈ на Црна Гора “13 Јули”, потоа на Наградата на Град Загреб, Наградата на Град Скопје, Наградата на Фиренца “Nastro d’Argento” како и Наградата “Светата земја на Сталинград”.